Со мислата на Антун Густав Матош, „само варварин може да ја исмејува историјата“, вчера во Тетово Македонско – хрватското друштво ја промовираше дигиталната платформа „Архив на Хрвати во Македонија“, достапна на www.arhivhr.mk преку која се опфатена околу 80 имиња на истакнати Хрвати: универзитетски професори, архитекти, уметници, економисти, правници, спортисти, актери, но и дигитализирани фотографии, уметнички слики и друг архивски материјал.  

„Важните јубилеји кои ги прославуваме оваа година, 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска, 29 години од формирањето на МХД во Скопје и 20 години од формирањето на МХД во Тетово, нѐ насочија кон размислување за една ефикасна заштита не само на овие 30  години, туку и на многу години претходно“, истакна Марко Видачек од МХД.

Пред присутните се обрати претседателот на МХД, Недиљко Ромац, кој се осврна за досегашните резултати на МХД во изминатите 20 години.

Првите допири на македонскиот и хрватскиот народ ги објасни историчарот Љубиша Марковиќ, почнувајќи од IX век. За уметничката и историската вредност на епохалните дела „Зборникот на Миладиновци“ и „Бели мугри“ издадени во Хрватска говор имаше писателката Славица Дабевска Кировска.

Симона Копривњак од Хрватскиот Форум, говореше за 10-тина Хрвати професори доајени на Медицинскиот факултет во Скопје.

На промоцијата беше посочено, дека покрај бројката од 80-тина имиња, во склоп на истражувањата пронајдени се уште 30-тина имиња на професори и наставници кои работеле во Македонија, а кои во оваа фаза на дигитализација не се опфатени во Архивот, поради некомплетноста на архивскиот материјал и потребата за дополнително истражување.

На настанот беше најавена промоција на книгата „Хрватски театарски актери и режисери што работеле во Македонија од 1913 година до 1941“ на авторот Зоран Пејковски наесен, а чии истражувања ќе бидат вметнати во архивот по промоцијата во Тетово. 

Следна тема која ќе биде детално истражувана е посветена на доаѓањето на Хрватите во Тетово преку фабриката „Тетекс“, за што се очекува и објавување на публикација. 

Архивот на Хрвати, заедно со информативната платформа www.croatica.mk финансиски се подржани од страна на Централната државна канцеларија за Хрвати надвор од РХ.

Odgovori

Vaša adresa e-pošte neće biti objavljena. Obavezna polja su označena sa *

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial