Македонско – хрватското друштво денеска во Скопје одржа панел дискусија на темата „Дигитализација на хрватското културно наследство“, со посебен осврт на искуствата и модалитети за заштита и промоција на јазикот и културата, како и можностите за дигитално поврзување на здруженијата. Во вториот дел од настанот, беше промовирана и првата електронска информативна платформа на хрватски јазик во Македонија, насловена „Croatica“.
Модерарот на настанот, Марко Видачек, инаку генерален секретар на Хрватскиот форум, истакна дека МХД минатата година започна со процесот на дигитализација на хрватското културно наследство. Тој посочи дека особено во време на пандемија, јасно беше воочено дека е потребно дигитално зачувување и поврзување на хрватската култура, јазикот и идентитетот. Како резулатат на ова, а благодарение на поддршката од Централната Канцеларија за Хрвати надвор од РХ, предвидени се две електронски платформи: www.croatica.mk, прва информативна плафторма на хрватски јазик и првата електронска архива на Хрвати во Македонија.
Пред присутните се обратија актуелниот владин координатор за интеркултурализам и поранешен министер за култура, Роберт Алаѓозовски; писателката и преведувачка Љерка Тот Наумова; авторката на првата книга за истакнати иселеници „Патот на успехот“, воедно и портпарол на Агенцијата за иселеништво, м-р Симона Ристовска; како и претседателот на МХД, Недиљко Ромац.
Координаторот за култура, Алаѓозовски, ја потенцираше важноста на Фаро конвенцијата посветена на зачувувањето на културното наследство, а се осврна и на државниот ангажман на полето на културниот идентитет и интеркултурниот дијалог.
Писателката Тот Наумова го акцентираше и претстави хрватското творештво во Македонија, како и потребата за контиунирано творење и создавање на мајчин јазик. Таа, особено го поздрави ангажманот на помладите членови на МХД и на Хрватскиот Форум.
Ристовска пак, истакна дека „создавањето на книгата „Патот на успехот“ е со цел мапирање на успешни и признати Македонци во светот, преку кои ќе се промовира нашата земја, како дома така и во странство, воедно и ќе се воспостави соработка со иселениците од нашата земја“, посочувајќи го ваквиот начин на мапирање на иселениците како ефикасен модалитет за успешно поврзување и подобра културна промоција.
Претседателот на МХД, Недиљко Ромац, со говорот направи увертира за досегашното делување на здружението, како и за активниот процес на дигитализација во кој МХД е предводник.
Присутните, со свои предлози и сугестии се вклучија во отворениот дел во однос на изградбата на електронската архива на Хрвати. Истата ќе биде објавена наскоро, како втор продукт од процесот на дигитализација на хрватското културно наследство.
Во делот на презентацијата на платформата www.croatica.mk, Марко Видачек посочи дека целта на истата е овозможување на централизиран и ажурен пристап кон сите информации и активности на хрватските здруженија во Македонија, која како онлајн платформа на дневно ниво ќе понуди различни информативни и едукативни содржини поврзани со Хрватите во државата, но и ќе информира за најважните случувања во Хрватска. Видачек ги повика здруженијата на Хрватите на уште поактивна соработка во поглед на дигитализацијата, како и на можностите за користење на платформата.
На настанот беше посочена и симболиката на просторот (претседателската канцеларија), имајќи ја предвид активната улога и придонесот на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој во 1993 година заедно со македонски интелектуалци го основа Македонско – хрватското друштво во Скопје.